Кога се пишува сценарио не се оди по пат, туку се стои на крстосница. Таму се разминуваат ликовите. Ќе премине камерманот на црвено и ќе прегази некој збор. Ќе скрши половина од ликот. Постојано верува дека никој не гледа ништо. Утрешната мисла има друго верување.
Сите глумци на овој свет нема да бидат прегазените ликови. Ниту пак оние кои чекаат да се испразни улицата. Не се толку добри приказните, во лоши раце се потат разликите.
Над нив демнее инспирација. Се крие неколку дена напред и крати на своите зборови. Потоа, не може да се разбере.
Музиката лежи на тротоарот, нејзе времето ја чува. Светот пуши цигара и го јаде првутот од својата коса. Нестрпливоста во нив се искачува до петтата линија од пешачкиот премин. Што ако нивното постоење не се вклопи во овдешното непостоечко? Чекаат да се запалат рефлекторите, можеби ќе падне некоја ѕвезда.
Зад секое сценарио стои зебра. Кој друг би го јадел првутот? Режисерот, тој не јаде првут. Тој гледа виножита и размислува каде е златото. Два златника во очите на главниот лик. И љубов под б) за неколку чувства на сценаристот.
Кога е напишано сценариото , не се минува на зелено, туку се урива семафорот. Таму ракоплескаат гледачите и настанува тишината, зошто зборовите се одамна прегазени.
No comments:
Post a Comment