Saturday, November 17, 2012

Човекот што ја изгуби вселената 2



Еден дел од сонцето многу ќе чека
Некои зраци ќе се соберат во моето немање.
Некоја топлина ќе висне заедно со чекањето.
Некоја друга топлина
пребрзо ќе исчезне.
Еден дел од сонцето ќе ме однесе мене.
Мене ќе ме нема најмногу.
Нема да има други зраци.
Нема други сонца.
Ни други топлини.
Нема други.
Нема.
Нема.
Нема да ме најдеш во зраците на другите сонца.
Нема да има таков ден.
Нема.
Нема.
Еден дел од денот ќе биде секогаш млад
Еден дел ќе бидеш ти
Еден дел секогаш
ќе биде.
Ти.
Некое ти пребрзо ќе се продре во некое друго мене.
Некое пладне ќе ги собере сите денови.
Некое пладне – ќе бидат деновите.
Некои други денови
пребрзо ќе остарат.
Еден дел од пладнето ќе ме однесе мене.
Еден дел од твоето ти.
Мене ќе ме нема најмногу.
Најмногу.
Нема да има други денови.
Нема друго ти.
Ни друго пладне.
Нема други.
Нема.
Нема.
Еден дел во изгревањето ќе ме изгрева мене.
Некоја комета ќе ме донесе за да те видам.
Некоја светлина ќе го ослепи моето немање.
Некоја светлина ќе бидеш ти
кога
мене ќе ме нема најмногу.
Еден дел од вселената ќе ме изгуби во неа.
Кога ќе ги најдеш сите изгубени работи
мене ќе ме нема најмногу.
Сите неважни утра ќе се претворат во некоја друга ноќ.
Сите неважни будења ќе бидат други ѕвезди.
Сите очи кои се отвориле до сега
ќе останат меѓу изгубените погледи.
Сите делови на твоето чекање
ќе станат изгубени работи.
Мене ќе ме нема најмногу.
Нема други утра.
Нема други будења.
Ни други очи.
Нема други.
Нема.
Нема.
Не се изговараат сите ѕвезди исто кога паѓаат.
Не се изговараат сите ѕвезди.
Сите ѕвезди паѓаат.
Кога паѓаат ѕвездите,
не се изговараат сите паѓања.
Кога паѓаат ѕвездите?
Сите изгубени работи се темни тела.
Некои светат во изгубеното.
Еден дел од небото ќе падне врз твоето тело.
Ќе ги држиш рацете
кога сите метеори
ќе останат
со она во кое ме нема.
Мене ќе ме нема најмногу.
Каде ќе заврши твојата вселена?
Јас знам како ќе живееш ти во неа.
Нема да живееш.
Во неа.
Толку ќе бидеш среќен.
Нема да ме најдеш во туѓите метеори.
Во туѓите метеори
толку ќе бидеш среќен.
Нема други делови.
Сето чекање ќе изгасне.
Еден дел од сонцето никогаш нема да ме има.
Некои зраци ќе се соберат во твоето чекање.
Некоја топлина ќе висне заедно со изгубеното.
Сето немање ќе го изгубиш.
Нема
Да бидеш среќен
Треба да ги изгасиш ѕвездите.
Треба да го собереш пладнето
 и да го најдеш денот во вселената.
Треба
да ги најдеш изгубените работи.
Треба.
Мене.
Најмногу.
Ќе ме нема.
Не се изговараат вселените.
После секое завршување
ќе има само половина
ѕвезди.
Месечини.
Планети.
Метеори.
Комети.
Мене.
Моето немање.
Ти.
Каде што ќе се изгубат зборовите
таму ќе се изгубам пред да те видам.
твоите чекори на месечината секогаш ќе стојат.
Моите стапки ќе се изгубат во твоето.
Се мое ќе нема,
После твоето молчење
Мене ќе ме нема најмногу.
Толку.
Ќе живееш.
Нема други половини.
Нема други делови.
Не постојат изгубени работи.
Не постојат ѕвезди што паѓаат.
Не постоиш ти без мене.
Не живее среќата во моето немање.
Нема други ноќи после вселената.
Како заврши твојата вселена?
Твојата вселена.
Ќе ја нема најмногу.
После сите изгубени работи,
еден дел од сонцето,
ќе чека.
Толку.
За среќа.
Мене ќе ме нема најмногу.

No comments:

Post a Comment